Дали д-р Јовев е жртва на политиката? – Меџити негира, најави други разрешувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со аплауз и овации од пациентите и вработените беше пречекан разрешениот директор на Кардиохирургија Сашко Јовев. Тие преку протест покажаа дека се против разрешувањето на директорот од страна на Министерот за здравство, Фатмир Меџити. Професорот Јовев ја оценува како неправедна одлуката на Меџити. Вели дека го жртвуваат поради недоразбирање, односно за дежурствата од минатата година без согласност на тогашниот Министер за здравство. Јовев смета дека неговото разрешување нема политичка основа, но вели дека оди во тој правец.

И министерот Меџити, одлучен во својата изјава, негира дека разрешувањето е резултат на несогласувања меѓу коалициските партнери. Тој не ги негира гласините дека има притисоци од коалициониот партнер СДСМ, но вели дека не се занимава со нив.

„Јас како министер за здравство заедно со мојот тим одлучуваме за здравствените политики и апсолутно не се бавиме со притисоците кои се вршат од одредени лица… значи имате притисоци? Доколку вие медиумите ги нарекувате притисоци, ние не се занимаваме воопшто со нив. Ние сме тука пред се да им обезбедиме на пациентите подобри услови“, вели Фатмир Меџити.

Иако вчерашната одлука на министерот за здравство предизвикува бурни реакции во јавноста, Меџити најави дека нема да застане тука и дека ќе има и други разрешувања во иднина, без да прецизира која ќе биде следната „жртва“.

„Значи секој кој греши и каде има злоупотреби и лошо управување ќе биде разрешен од моја страна“, додаде Фатмир Меџити.

Инаку адвокатот на лекарот Сашко Јовев, Мите Михајловски, откри дека ќе следи пријава против министерот за здравство, Фатмир Меџити, бидејќи нема причина за разрешување.