Претседателот Стево Пендаровски е функционерот со највисока плата во земјата од 93 000 денари, а ќе добие ново покачување од 72 000 денари, значи вкупно 165 илјади денари. Но покачување нема да добие само претседателот на државата туку и сите други носители на функции ќе добијат покачување од 78%.
Изгледа ваквата одлука не му се допадна на претседателот Пендаровски кој вели дека покачувањето на платите на функционерите во услови на криза, со пари од буџетот е невкусно. Но не сите функционери имаат исто мислење како Пендаровски. Шефот на дипломатијата, Бујар Осамни оваа прашање го коментираше од етички и практички аспект.
„Од практичниот аспект, секој политичар кој што ќе каже дека не му е важна платата, тоа не е добра порака, бидејќи веројатно има друг извор. Јас немам друг извор за живеење освен оваа плата. Се разбира дека секој би сакал да има поголема можност, но од етички аспект мислам дека политичарите треба да бидат последните на листата на граѓани кои што треба да имаат зголемување на платите. Да, треба, затоа што се скандалозно мали, меѓутоа, треба да бидат последни на листата откако на сите ќе им се зголемат тогаш на политичарите“, вели Бујар Османи.
Првиот човек на општина Центар вели дека дел од парите ќе ги донира на семејства со социјален ризик.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вели дека Владата ја разгледува можноста за коригирање на ваквото енормно покачување.
Но, Џемаил Саити, од Здружението на Судии вели дека одлуката на Уставен суд мора да се почитува. Според него судиите заслужуваат такво покачување, а веќе долго време бараат такво нешто од Владата.
„Ние бевме во долг процес на преговори со Владата со откажување на наши легитимни барања, за да се донесе Закон за плати на судиите. Овој начин на пресметка кој постоеше досега на платата беше блокиран со една одредба, која требаше да има времен карактер, но таа одредба се применува веќе 15 години наназад. Друго прашање е дали во моментов државата има економски капацитети да ги исполни тие барања“, додаде Џемаил Саити.
Вака ќе изгледа покачувањето на платите на здравствените работници и пензионерите за месец март, за разлика од функционерите.
- Здравствените работници – покачување од 5% до 12%
- Пензионерите – покачување од 8.4%
- Функционерите – покачување од 78%
Ова покачување го овозможи Уставниот суд кој одлучи да укине два члена од законот за плати и надоместоци на функционерите, па така платите на сите функционери, заменици министри, градоначалници, директори, како и на сите судии, вклучително и оние на Уставен суд ќе се зголемат за 78%. Во меѓувреме, здравствените работници и оние во образованието мораа да протестираат и да ја остават наставата и пациентите настрана за да добијат покачување на платите за околу 10-15%.
