Темата што ја отвори премиерот Зоран Заев за проширена влада е избрзана, за дводневна употреба, смета аналитичарот Имер Селмани. Идејата ја нарекува фолклор што партиите го прават меѓу себе, а додава дека проширената влада не е ниту потребна ниту оправдана. Понудата на Заев ја гледа како предконгресна за да ги поттикне реформаторите од ВМРО-ДПМНЕ да побараат оставка од нивниот лидер Христијан Мицкоски.
„Делегатите, повеќето од делегатите на минатиот конгрес, сега ќе прават нов конгрес каде ќе бараат отчет од Мицкоски за досегашните електорални загуби, неколку губења по ред и за политиките кои ја водат ВМРО-ДПМНЕ напред, што е факт. Мислам дека овде повеќе понудата на СДСМ значи ВМРО реформирајте се, сменете го Мицкоски, донесете нов лидер и потоа да седнеме и да направиме проширена влада“, истакна Имер Селмани.
Аналитичарот Петар Арсовски понудата ја толкува како обид за проширување на мнозинството. Вака ќе се деблокира Собранието и би поминале системските реформи како што вели пред почетокот на преговорите со ЕУ. Заев во моментов има доволно пратеници но не доволно за да прави системски реформи, додава тој.
Токму поради тоа, аналитичарот Имер Селмани, бара парламентарното мнозинство да создаде мост за соработка со опозицијата во Парламент, без да има потреба од широка Влада, која беше искористена за да излезе од голема криза, како таа во 2001 и 2015 година, но сега немаме политичка криза додаде тој, затоа не треба да исплашат граѓаните со идеја за таква Влада.
