Ревизија откри сериозни неправилности во Државна лотарија – милионски неуплатени влогови, договори без конкуренција и игри без лиценци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил бројни неправилности во работењето на трговските друштва основани преку заеднички вложувања меѓу Државна лотарија и приватни компании за приредување интернет и електронски игри на среќа. Ревизорите откриле неусогласености во договорите, неуплатени парични влогови, спорни набавки и недоволна контрола врз приредувањето игри на среќа.

Според извештајот, приватните партнери имале обврска да вложат повеќе од 2,1 милиони евра во период од три години, иако во договорите за основање на друштвата бил предвиден значително помал износ, со рок за уплата од една година.

Како пример се наведува компанијата „Државна лотарија – Везув“, каде што од договорените 2,17 милиони евра, до моментот на ревизијата биле уплатени само околу 146 илјади евра. Ревизорите констатирале дека ваквата динамика на уплата не е во согласност со Законот за трговските друштва, а кај дел од компаниите неуплатените средства не биле соодветно евидентирани во сметководствената документација.

Долгорочни договори со само една понуда

Неправилности биле утврдени и при изборот на компании за обезбедување софтвер, интернет-платформи и техничка поддршка. Според ДЗР, постапките се спроведувале без примена на Законот за јавните набавки, а во најголем дел од случаите пристигнувала само една понуда.

На тој начин биле склучувани договори со времетраење од 10 до 15 години.

Дополнително, кај неколку друштва недостасувала документација со која би се потврдило оправданото трошење на средствата. Утврдени биле и неправилности при закуп на деловен простор, авансни плаќања пред потпишување договори, како и позајмици на поврзани компании без потребното одобрување.

Интернет игри на среќа без приложени лиценци

Особено внимание во ревизорскиот извештај е посветено на законитоста на приредувањето интернет игри на среќа. Ревизорите констатирале дека друштвата работеле врз основа на таканаречено „пренесено право“, но не им бил доставен ниту еден официјален документ за издадена лиценца.

Кај „ДВЛМ – Касинос Аустрија“ било утврдено дека компанијата продолжила да организира интернет игри на среќа и по истекот на договорениот рок во 2016 година, сè до октомври 2024 година.

Во меѓувреме, по одлуките на Владата од септември 2024 година, Државна лотарија поднела тужби за престанок на друштвата „Моззарт“, „77 Битс“ и „Везув“. Судските постапки сè уште се во тек, додека дел од компаниите веќе престанале со организирање онлајн игри.

Недостасуваат законски правила и ефикасен надзор

Ревизијата открила и сериозни недостатоци во регулативата. Иако било предвидено донесување подзаконски акти, надлежното министерство не ги обезбедило потребните правила за лиценцирање, технички стандарди, проверка на софтверот и контрола на електронските терминали.

Не бил воспоставен ниту надзорен информациски систем преку кој државата би можела да ги следи уплатите, исплатите, прометот и приходите од електронските игри на среќа.

Според податоците од Министерството за дигитална трансформација, до јануари 2026 година биле поднесени барања за ограничување на пристапот до 307 интернет-страници и апликации за игри на среќа.

Сепак, ревизорите предупредуваат дека и покрај преземените мерки, од територијата на Македонија и понатаму може да се пристапи до интернет-платформи кои приредуваат игри на среќа без соодветна лиценца.