Обвинителството истражува дали имало влијание врз сведокот кој го смени исказот во случајот „Државна лотарија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството проверува дали врз сведокот кој го промени својот исказ на судењето за случајот „Државна лотарија“ било вршено влијание. Станува збор за првиот сведок предложен од обвинителите, кој наместо да ги потврди наводите од обвинението, сведочеше во корист на одбраната на поранешниот вицепремиер Артан Груби и останатите обвинети.

Јавниот обвинител Даниел Коцев, кој заедно со обвинителот Александар Давчевски го застапува обвинението, потврди дека се преземаат дејствија за утврдување на причините поради кои сведокот го променил претходно дадениот исказ.

Коцев посочи дека засега немаат информации кои потврдуваат дека некој влијаел врз сведокот, но дека таквата можност се проверува. Тој додаде дека против истото лице сè уште се води предистражна постапка, бидејќи било опфатено со кривичната пријава на МВР за повеќе постапки, меѓу кои и набавката на видеолотариските терминали.

Денешното судско рочиште беше одложено поради отсуство на третиот сведок предложен од Обвинителството.

И покрај променетиот исказ на првиот сведок, обвинителите сметаат дека тоа не го доведува во прашање предметот, бидејќи обвинението главно се темели на материјални докази и документација.

Според Коцев, вториот сведок посочил неколку значајни околности кои, според оценката на Обвинителството, се важни за докажување на случајот. Одбраната, пак, има спротивен став и смета дека досегашните сведочења не ги поткрепуваат обвинителните наводи.

Во меѓувреме, Груби за СДК.МК најавил дека како сведоци ќе ги предложи министрите кои присуствувале на владината седница од 6 јуни 2023 година, со која тој претседавал и на која била донесена одлуката за набавка на спорните видеолотариски терминали.

Поранешниот вицепремиер на 13 октомври излезе од куќен притвор, по истекот на законскиот рок од 60 дена од поднесувањето на обвинителниот предлог.

Груби и уште седум лица се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во постапки поврзани со работењето на „Државна лотарија“.

Според обвинението, преку незаконски постапки за организирање електронски игри на среќа и набавка на видеолотариски терминали, на државниот буџет му била нанесена штета од повеќе од 9,7 милиони евра.

Судската постапка продолжува, а Обвинителството најавува дека ќе ги испита сите околности поврзани со промената на исказот на првиот сведок.