Притисок врз вработените, обиди за деградирање на употребата на албанскиот јазик и мешање на сопругот на директорката во работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Ова се тврдењата на вработените во фондот кои не сакаа да зборуваат пред камера. Прашана за ваквите случувања, директорката Билјана Јовановска вели дека натписите не биле официјални и биле поставени без да бидат усвоени.
„Не е прифатливо да се ставаат натписи со содржини и на места по лична желба и потреба на секој вработен поединечно. Надлежните органи да утврдат дали отстранетите натписи биле поставени во согласност со позитивните законските прописи“, вели Билјана Јовановска.
Јовановска говори и за жалбите на вработените за притисоци како и за присуство на нејзиниот сопруг во Фондот иако тој нема никаква функција таму!
„Ако некој за притисоци ги смета моите барања за да се решаваат предметите во законски рок со цел да не страдаат граѓаните и наредбата да се почитува работен ред и дисциплина, немам коментар. А мојот сопруг дошол затоа што јас го побарав“, додава Билјана Јовановска.
Во врска со ова, ТВ21 го праша и првиот вицепремиер Артан Груби кој тврди дека за ова денеска разговарал со премиерот Зоран Заев, додавајќи дека заедно ќе го разгледаат прашањето како и тврдењата на сите извештаи и изјави од страна на вработените.
„Ќе разгледаме заедно, да го видиме тврдењето на сите овие тврдења на медиумите и на вработените и потоа секако ќе се преземат мерки за таквото однесување. Нејзиниот сопруг не работи во таа институција и нема што да бара а особено не може да дава насоки за други вработени во Пензискиот фонд“, истакна Артан Груби.
Што се однесува до почитувањето на албанскиот јазик, Груби го покани директорот на Инспекторатот Фатмир Исени, да се позанимава со ова прашање уште денеска, но Инспекторатот се уште не може да постапува на терен. ТВ21 контактираше со директорот Исени кој накратко го повтори тоа што веќе со месеци е познато, дека инспекторите се уште се на обука и немаат лиценца, а истите се очекува да ги добијат најмалку по 9 месеци.
ТВ21 денеска можеше да потврди само дека главните табли на влезот и во првиот ходник на Фондот, беа и на албански јазик. Но спроведувањето на двојазичноста не завршува овде, бидејќи треба да се утврди и работата во институцијата, нешто што Инспекторатот се уште не може да го направи.
Пред Јовановска да биде назначена за директор на пензискиот фонд, била директор на Агенцијата за вработување а дека таму немала волја за спроведување на двојазичноста потврди и новиот директор на Агенцијата, Абдуш Демири.
„Има уште многу работа, особено во однос на прашањето за употребата на албанскиот јазик, во оваа институција има застој, секако меѓу нашите приоритети ќе биде и ова“, истакна Абдуш Демири.
Билјана Јовановска е претседателка на Партијата за економски промени. Била директор и во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ а нејзината поврзаност со СДСМ започнува во 2015 кога стапуваат во коалиција. Ниту тогаш ниту на последните избори нејзината партија не успеала да добие ниту еден пратенички мандат, меѓутоа Јовановска и натаму е коалиционен партнер на Заев.
