Мерката „Мој ДДВ“ не се укинува и не се планираат никакви промени, порача денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласувајќи дека исплатата останува како и досега.
По изјавите дека мерката не го дава посакуваниот ефект, министерката истакна дека до Министерството за финансии не е доставен никаков извештај, ниту се воделе разговори за измени на законот.
„Нема апсолутно никаква намера за промени, туку сè останува како што беше досега“, изјави таа.
Димитриеска-Кочоска информира и дека се подготвени конечните листи за враќање на солидарниот данок, а исплатата ќе започне во март годинава.
Повеќето компании се согласиле средствата да ги добијат во две рати – во март 2026 и март 2027 година, при што првата половина од износот се очекува да биде исплатена во наредните два месеца.
