Со петтиот сет мерки акцент се става на малите и средни претпријатија, но доколку се погледне веб страницата на Централниот регистер ќе воочиме дека од почетокот на пандемијата, па до 15 јануари околу 60 компании имаат стечајна постапка. Дали владината мерка е задоцнета?
На ова прашање одговори министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата „10 Минути“ на ТВ21.
Тој вели дека доколку се прави споредба со претходните години, 2020 година е речиси идентична по извештаите на Централниот регистар
„Мислам дека не е толку голем бројот на компании кои почнале стечајна постапка, имајќи во предвид дека речиси во третиот сет економски мерки ги покривме речиси 20 илјади компании во нашата држава со над 120 илјади вработени за тоа подоцна да се намалува со четвртиот сет мерки речиси 100 отсто, каде што преминавме на поддршка на 60 илјади вработени во приватниот сектор“, додава Бектеши.
Порачува дека во петтиот сет мерки ќе реализираат мерки се со цел да се зачуваат работните места и нема да се направи разлика во одредени мерки што се однесуваат на микро, мали и средни претпријатија, посебно во мерката за финансиска поддршка на плати.
„Другите мерки ќе бидат таргетирани за секторите кои најмногу биле погодени како што се угостителството, туризмот, транспортот и складирање и други дејности кои согласно нашите информации и анализи ќе бидат поддржани дополнително со бескаматни кредити, повластени кредити и други мерки кои нема да имаат директни фискални импликации во буџетот“, појаснува Бектеши.
