Дали Мицкоски најави предвремени избори?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски случајно или намерно, рече дека наскоро ќе има избори со што повторно го отвори прашањето на предвремените избори. Тој коментирајќи ја изјавата на претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој вчера рече дека не гледа дека Бугарија го негира македонскиот идентитет, истакна дека многу брзо ќе има избори на кои Филипче и партијата ќе изгубат.

„Јас жалам што тие повторно одлучија да коленичат на туѓите интереси, наместо да застанат рамо до рамо со Владата, во одбрана националните интереси. Но, добрата вест е што набргу ќе има избори, после тие избори ќе се случи, да партијата која што тој ја преводи се маргинализира и јас се надевам дека и тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката“, рече Мицкоски.

За предвремените избори својот став го повтори и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој рече дека е подготвен веднаш да оди на избори.

„Јас барав уште од првиот ден да има предвремени избори, тоа не е изненадување. Ако утре има избори, јас сум подготвен“, изјави Ахмети.

Но сепак премиерот Мицкоски досега неколку пати изјавил дека тој не е за одржување предвремени избори, а во наредниов период треба да се случи и реконструкција на Владата. Тој и денеска не откри некакви детали за тоа кои министри ќе ги напуштат ресорите, а кој ќе биде ротиран туку само кратко рече дека се уште се работи на внатрепартиската структура.

„Не, не сум ги почнал се уште. Се уште сум посветен на внатрепартиската структура, очекувам овој месец таа да ја заокружам и потоа да се посветиме на владината коалиција“, вели Мицкоски.

Инаку вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи веќе е сигурно дека ја напушта Владата откако подолг период не доаѓаше на работа, а преку фотографии на Фејсбук поздрави испраќаше од Тајланд. Неговото последно присуство на седница на Влада е во февруари годинава по што од прес службата на Владата веќе известија дека Фетаи ќе биде на списокот на претстојната владина реконструкција. Се ниша и фотелјата на министерот за социјална политика Фатмир Лимани по несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ, од каде рекоа дека за него нема место во новоформираната партија што треба да се случи на 9 овој месец. За сега е неизвесно и дали ќе има и промени во ЗНАМ откако Миле Цеков ја напушти пратеничката група со што ја ослаби положбата на партијата на Максим Димитриевски.