Дали Мицкоски, Села и Гаши подготвуваат коалиција? – Алијанса за Албанците би била дел од мнозинството, но без ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кревкото мнозинство од 62 пратеници, ја натера опозицијата да размислува за формирање ново парламентарно мнозинство. Претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ; Христијан Мицкоски, рече дека разговара со партиите на оваа тема.

Арбен Таравари, од албанската коалиција АА-ААА, вели дека Владата во моментов нема 61 глас. Додава дека не ја исклучува можноста да бидат дел од новото парламентарно мнозинство, но без ДУИ.

„Немаме преговори за ново мнозинство, но знам дека има големо незадоволство во владината коалиција. Во моментов во Владата нема 61 глас, според мене, што не мора да значи дека е така. Наредните денови ќе видиме. Сѐ е можно. Не ја исклучувам можноста да бидеме дел од новото мнозинство, но без ДУИ. Секогаш велев – со ѓаволот ќе склучиме коалиција, но со ДУИ не“, истакна Арбен Таравари.

Синоќа и првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши за локалната телевизија „Глоби“, рече дека ако Заев смета дека тешко функционира со овие бројки, тогаш треба да ги предаде мандатите, потоа да седнат и да разговараат за натамошните чекори.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, побара заедно со локалните, да се одржат и парламентарни избори. Во однос на коалициите за локалните избори кои се очекува да се одржат во октомври годинава, Арбен Таравари вели дека ДУИ најверојатно ќе склучи коалиција со СДСМ, а како што додава коалицијата АА-ААА од најголемите македонски партии, останува да коалицира само со ВМРО-ДПМНЕ.