Дали можат да бидат разрешени директорите? Таравари вели дека очекува одговорност за смртта на бебето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Очекувам мерки и одговорност од директорите на двете детски клиники, каде лекарите направиле превид во лекувањето на 14 месечното бебе кое почина. Ова го изјави министерот за здравство Арбен Таравари на прашањето дали ќе ги разреши директорите на Детска клиника и Клиниката Козле. Таравари рече дека извештајот од комисијата веќе е испратен до Клиника и во Лекарската комора и според законот, можат да достават жалби, но до сега ниедна жалба не стигнала до Министерството.

-Дали значи ова дека можат да бидат разрешени директорите доколку не бидат преземени мерки за подобрување на условите? Да почекаме. Но се надевам дека двајцата директори ќе преземат мерки а какви ќе бидат тие, тоа е на раководителите на болниците и клиниките и не би сакал да кажам што ќе донесат, но очекувам да има одговорност, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.

Од лекарската комора соопштија дека го добиле извештајот од експертската комисија, и дека добиле допис од клиниката Козле во кој оваа институција дава свое гледање и став во врска со тврдењата во извештајот на МЗ.

Во текот на денешниот ден ќе се одржи состанок на Комисијата за етички и правни прашања, на кој ќе се разгледа доставениот извештај во врска со починатото дете, како и Извештајот од извршениот надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница Куманово во врска со лекувањето и третманот на починатата родилка М.С. и нејзиното новороденче, кој е подготвен од комисија формирана од министерот за здравство. За исходот од работата на Комисијата за етички и правни прашања и донесените одлука за понатамошно постапување дополнително ќе информираме, велат од лекарска комора.

На 5 октомври, на Детската клиника почина 14 месечно девојче кое претходно било одбиено за хоспитализација на оваа клиника по што родителите го одвеле на клиниката во Козле. На 14 октомври, комисијата во рамки на МЗ објави извештај од експертскиот надзор каде меѓу другото се вели дека на Детската клиника при вторите испитувања на 3 октомври, направен е надзор за проценка на потребата за хоспитализација на бебето, и во Козле е констатирана несоодветна и предвремена проценка на тешкотиите со дишењето на бебето.