Кој кого измами? Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејди, кој е и координатор на парламентарната група на албанската опозиција, тврди дека најмалку три пати спомнал и побарал, во листата на потписи за уривање на Владата да не бидат пратениците на Левица и додава дека за тоа добил и гаранција.
„Се собравме сите пратеници и врз основа на информациите кои ги добивме е дека ќе бидат потписите на ВМРО-ДПМНЕ, нашата коалиција, ЛДП и Беса, вкупно 61. Јас инсистирав ние како коалиција да потпишеме последни. Имав мои сомнежи и неколку пати нагласив дека не смее да биде и Левица, да имаат предвид. Не, не е, сигурно“, истакна Скендер Реџепи.
Реџепи рече дека никогаш нема да прифати да биде дел од листата со„ лица кои се истакнуваат себеси со омраза кон Албанците“, но, кој го убеди него дека потписите на 2 пратеника на Левица, на Апасиев и Крмов нема да бидат дел од листата?!
„Тие кои беа таму, посебно претседателот на Алијанса за Албанците кој бил на разговори со Мицкоски“, посочи Скендер Реџепи.
Според Зијадин Села, Скендер Реџепи не ја кажува вистината кога вели дека не знаел дека 2 пратеници на Левица потпишале за уривање на Владата. Додава дека нема потреба никого да измами бидејќи никој не е дете.
„Човек кога има некоја мака се обидува да најде не основени причини и реално лажги. Никој не е дете, секој знае дека листата е потпишана за да се урне Владата“, вели Зијадин Села.
Според пратеникот Скендер Реџепи, според информациите со кои располагал, знаел дека пратениците на ЛДП ќе го дадат нивниот потпис за ново мнозинство. Но лидерот на ЛДП, Горан Милевски вели дека за уривање на Владата немало и нема да има нивни потписи.
„Нема потписи на ЛДП во листата и нема да има. Јас не можам да коментирам се што се зборува“, додава Горан Милевски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, коментирајќи ја изјавата на Реџепи, рече дека дента кога ќе се гласа за интерпелација на Владата, ќе имаат повеќе од 61 пратеника.
