Каменоломот во Страчинце може да почне со работа доколку ги исполнува сите услови предвидени со закон, изјави министерката за животна средина, Каја Шукова, на прашањето од ТВ21.
Од министерството уверија дека каменоломот во Страчинце, не може да работи без да има добиено Б интегрирана дозвола, која за овој случај се издава од Министерството за животна средина. Нагласуваат дека службите ги разгледуваат условите за работа што треба да ги исполни операторот доколку ја добие дозволата во функција на заштита на животната средина.
Од друга страна, жителите на оваа село очекуваат одговорот на министерството да биде негативен. Аднан Ајрулаи од месната заедница за ТВ21 вели дека очекуваат Министерството за животна средина тој негативен одговор да го проследи до Министерството за економија, за да се укине концесијата.
„Ние имавме повторно разговор со претставниците кои беа овде присутни од министерството, тие преземаа обврска уште еднаш да ја разгледаат целосноата документација. Разговаравме и со одговорниот директор за овие работи и тој но и многу други експерти сметаат дека нема да се даде дозволата и дека наскоро ќе му се одземе концесијата на операторот“, вели Аднан Ајрулаи.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, објасни дека е потребен негативен извештај од Инспекторатот за потоа Министерството да ја укине концесијата.
„Во моментот кога ќе ни биде доставен извештај дека концесија каде било во РСМ работи надвор од правилата за заштита на животната средина, но не само тоа, туку и други правила за изведување, нема да помине една недела и ќе ги укинеме истите концесии“, порача Крешник Бектеши.
Доколку се даде дозвола каменоломот да почне со работа, Аднан Ајрулаи од месната заедница Страчинце истакна дека ќе поднесат тужба, за која дури ангажирале и адвокат, а сметаат дека правдата ќе биде на страната на жителите кои се против отворањето на каменолом над нивното село.
