Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во интервју за Радио Слободна Европа рече дека како партија воопшто не се „против“ вметнувањето на Бугарите во Уставот или на која било друга етничка заедница. Но, според него, проблем е Договорот за добрососедство со Бугарија и условите што произлегуваат од него.
Но, оваа изјава предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Некои толкуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ретерира од своите ставови за недавање поддршка за вметнувањето на Бугарите во Уставот. Ова го натера Мицевски преку Фејсбук да разјасни дека „уставни измени нема да има, бидејќи ГП на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот“. Но, од СДСМ, изјавата на Мицевски ја сметаат како вртење грб на Мицкоски.
„Изјавата на Никола Мицевски дека ВМРО-ДПМНЕ не се против промена на Уставот и внесување на Бугарите, како и другите делови на народи, значи радикално спротивставување на деструктивните политики на Мицкоски. Дали има некој на кормилото на бродот кој тоне?“, велат од СДСМ.
Бугарите можат да станат дел од нашиот Устав со отворањето на Уставот и 80 пратенички гласа. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пред неколку дена изјави дека некои луѓе од ВМРО-ДПМНЕ имаат разбирање за вметнување на Бугарите.
Инаку, и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред некое време напиша дека „немаат ништо против било кој народ и неговите права во Македонија, но дека се против уцените од Бугарија“.
