Дамева: Се уште немам писмено решение – Судскиот совет е спремен да ја врати како претседателка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судскиот совет е подготвен да ја врати Весна Дамева како претседателка, доколку таква одлука донел Управниот суд. Од Судскиот совет велат дека сè уште не добиле писмено решение од Судот, а истото треба да биде доставено до сите страни во текот на оваа недела.

„Судски совет се уште не ја добил пресудата и за неа разбра од медиумите. Откако ќе ја добиеме, ќе ја разгледаме и потоа ќе биде ставена на седница. Во зависност од тоа што ќе содржи во неа, ќе се постапи по упатства на Управниот суд во законскиот рок. На пресудата нема право на жалба“, вели Судскиот совет.

ТВ21 контактираше и со поранешната шефица на Судскиот совет, Весна Дамева. Таа не сакаше да ја коментира оваа одлука, со образложение дека нема добиено официјално писмено решение од Управниот суд и сите информации што ги знае се објавени во медиумите. Според ВМРО ДПМНЕ, случувањата во судскиот совет во очите на домашната и меѓународна јавност се опишуваат со македонската „Од шупливо- во празно”.

Инаку, разрешувањето на Дамева беше споменато и во извештајот на Европската комисија за 2023 година, додека претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека со ваквите постапки се намалува кредибилитетот и довербата во судскиот совет и правосудниот систем. Вчерашната одлука на Управниот суд ја поздрави и министерот за правда Кренар Лога. Според Лога, оваа одлука буди надеж за враќање на довербата во институциите и почитување на принципот на владеење на правото.