Со свечено давање изјава пред Судскиот совет, Даниела Димовска денеска и официјално ја презеде функцијата претседателка на Основниот кривичен суд Скопје. Таа на оваа позиција доаѓа по 14 месеци поминати како в.д. претседателка на судот.
Димовска најави дека ќе продолжи со досегашниот начин на работа, со фокус на одржување на ажурноста, дополнително намалување на бројот на старите предмети, целосна анонимизација на судските одлуки и зголемување на транспарентноста.
Како резултат на досегашната работа, таа посочи дека приливот на предмети во изминатите 14 месеци бил намален за околу 4.000, додека бројот на старите предмети е намален за 53 проценти.
„Еден сме од најажурните судови во државата. Успеавме да го намалиме бројот на стари предмети за 53 проценти и да немаме ниту еден застарен предмет во текот на оваа година“, изјави Димовска.
Таа информираше дека процесот на анонимизација на судските одлуки е во завршна фаза, а се работи и на нова веб-страница преку која јавноста треба да добие полесен пристап до информации за работата на судот.
Како еден од најголемите предизвици за функционирањето на Кривичниот суд, Димовска го издвојува недостатокот на кадар. Според неа, во институцијата во моментов има околу 130 вработени помалку во споредба со периодот пред неколку години.
„И со овој намален број вработени успеваме да се справуваме со приливот на предмети, меѓутоа најголемиот товар од работата паѓа токму на судската администрација“, рече таа.
Димовска смета дека зајакнувањето на довербата на граѓаните во судството треба да се гради преку законити, јасни и добро образложени судски одлуки, но и преку поголема отвореност на судовите кон јавноста.
„Одлуките треба да бидат образложени и конзистентни. Тоа е еден од начините преку кои можеме да ја подобриме довербата“, нагласи претседателката на Кривичниот суд.
Таа порача и дека судството мора да има рамноправна позиција со законодавната и извршната власт, исполнувајќи ја својата улога како нивен коректив.
Во однос на својата независност, Димовска истакна дека досегашното работење е доказ дека функцијата ја извршува професионално, транспарентно и без влијанија.
„Работам професионално, транспарентно, независно, без притисоци и без привилегирање на која било страна“, изјави таа.
Димовска одговори и на прашањата поврзани со јавните споменувања на истрагата против нејзиниот брат во случајот „Пулс“. Таа оцени дека случајот не претставува пречка за извршувањето на нејзината функција и не може да влијае врз нејзината работа како судија и претседателка на судот.
„Воопшто не сметам дека тоа може да биде пречка или да фрли сенка врз мојата работа“, рече Димовска.
Таа беше избрана за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје на седницата на Судскиот совет одржана на 8 јули, по спроведена постапка по јавен оглас. При изборот, меѓу нејзините предности беа посочени пристапот во раководењето, заложбите за независност и транспарентност, како и резултатите постигнати во периодот кога беше в.д. претседателка.
