Втор ден од пленарната седница за избор на новата влада која започна со критики од пратеничката на АА, Илире Даути до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Таа обвинува дека Џафери го крши деловникот бидејќи не ја почитува листата на пратеници кои се пријавиле за говор. Даути рече дека нејзе, како координатор на пратеничка група и е негирано тоа право.
„Ова е неправда која ни се прави од страна на собранискиот спикер со составување нова листа денеска, при што е исклучен пратеникот на АА да ја започне денеска седницата со негов говор. Барам да се разгледа повторно и да се продолжи со листата за која се договоривме вчера. Инаку принудена сум да се повикам на член 80, кој вели дека пратеничката листа не може да се менува и дополнува во текот на разгледувањето. Од вчера до денеска имаме три члена кои на флагрантен начин се прекршени од претседателот на Собранието“, истакна Илире Даути.
Но во реплика Џафери рече дека не крши ниеден закон и ја советуваше Даути добро да ги прочита законите. Потоа продолжија дебатите и обвинувањата во врска со форматот на владата. Пратеничката Благица Лазоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека владата Заев во овие 5 години не заковала ниедна шајка и според неа оваа влада била најнеработлива во историјата на РСМ.
Лидерот на Левица Димитар Апасиев ниту денеска не пропушти да го спомне отсуството на Кастриот Реџепи на седницата кога треба да се гласа новиот владин состав по локалните избори. Тој рече дека не се прави држава со киднапирање пратеници само и само за да се задржи власта. Веднаш следеше реакција од Арбр Адеми од ДУИ кој го нарече Апасиев, зулум за државата а АА, соработник на партијата на Апасиев.
„Вие г. Апасиев имате тренд да правите зулум, со ставови на стратегии за поделба. Вие успеавте да си најдете сојузник, ја најдовте АА за сојузник и јавно да се сликате и да се смеете јавно бидејќи постигнавте нов владин состав од 61 пратеник, н о немате визија што понатаму“, додава Арбр Адеми.
Седницата продолжи со меѓусебни обвинувања и за покачувањето на цената на електричната енергија. Седницата почна вчера а гласањето на новата влада треба да се одржи пред полноќ.
