Ова е Миранд Кастрати вработен во Итна медицинска помош како возач. На 25-ти март се тестирал на Ковид-19, а резултатите што ги добил на 28-ми март биле позитивни. Од тој ден, неговиот живот целосно се променил. Се изолирал во неговиот стан заедно со неговата сопруга и двете деца. Најтешкиот дел за Миранд за време на карантинот била оддалеченоста од децата, нивното бркање кога и да влегле во соба и стравот да не ги зарази и нив. Оваа ситуација, како што објаснува тој, ја доживеал многу тешко, бидејќи живее во стан со само две соби.
„Психолошкиот дел беше многу тежок, бидејќи живеам во двособен стан со мали деца. Најголемиот проблем ми беа децата. Требаше да ги бркам моите деца од собата во која седев, да не се блиску до мене. Тоа беше најголемиот предизвик, сѐ друго беше нормално“, истакна Миранд Кастрати.
25-те дена во изолација Миранд ги поминал без ниту еден симптом на коронавирус. Сепак, многу се пазел, сѐ додека следните два теста не биле негативни. Сега животот му се вратил во нормала.
„Не, не се плашам бидејќи не го чувствував тоа како болест. Ништо не чувствував, ниту симптоми кои ги наведуваа СЗО и Министерството за здравство. Ниту еден од тие симптоми немав, ниту температура, ниту замор, ниту болка во мускули, кашлав бидејќи сум пушач и од секогаш кашлав, но ништо друго не чувствував. Стравував за децата, бидејќи како родител и малото нешто ти се чини големо. Но, после она што поминав, веќе не се плашам ни за нив“, додава Кастрати.
Но, Дебар сѐ уште не може да се опорави од 30-дневната изолација. На улица можат да се видат граѓани кои се повнимателни од порано, бизнисите почнаа со работа, но не и локалите и рестораните.
„Како граѓани, како град и како општина бевме први и единствени во Северна Македонија кои бевме ставени во карантин и успеавме. Со достоинство и совест го поминавме тоа. Сега е редот на државата, бидејќи ние нашиот дел од работата го завршивме. Ние направивме многу за да ја спречиме болеста и ги почитувавме сите наредби и мерки кои ги донесе државата. Сега чекаме да видиме што ќе направи државата“, посочува Алберт Колоња.
Како во секој друг град, па така и во Дебар брашното беше едно од најбараните производи на пазарот за време на пандемијата. И во овој град побарувачката за брашно е зголемена, изјави Аџи Папранику, сопственик на млин за брашно.
„Само што ја надминавме оваа тешка ситуација со карантинот и веќе почна да има поголемо движење, бидејќи клиентите можат да дојдат и да купат брашно“, порачува Аџи Папранику.
Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, вели дека еден месец Дебар се борел за опстанок, иако на крај градот успеал да го победи Ковид-19.
Како што вели Дука, сега е редот на Владата 100% да ги надомести загубите што ги претрпел Дебар. Со оглед на тоа што Дебар имаше посебно мерки во однос на другите градови, ќе треба да добие и посебна помош, порачува Дука.
„Јас доставив барање до Владата на Република Северна Македонија – за Дебар да има посебни економски мерки, бидејќи 30 дена не работеа економските капацитети во Дебар кои претрпеа голема штета од оваа пандемија. Затоа верувам дека ќе наидеме на разбирање, бидејќи Дебар има мал буџет, има многу обврски и долгови, а требаше со тој буџет да се справи со оваа епидемија. Ние сега ургираме кај занаетчиите и угостителските капацитети, бидејќи кај нас е развиен туризмот. Бараме овие бизниси да се компензираат 100% од страна на Владата на Македонија“, рече Хекуран Дука.
Дебар заедно со Центар Жупа беше ставен во целосен карантин на 14ти март. По месец и половина го победи коронавирусот. Тој е еден од шесте градови во Македонија, односно Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар каде што нема активни случаи на Ковид-19.
