Тетовскиот театар е во бедна состојба. Нема елементарни услови функционирање. Ова, во синоќешното издание на „Клик Плус“, го изјави Музафер Етеми, кој неодамна ѝ се приклучи на политиката, односно на Алијанса за Албанците.
„Неможноста да ја вршиме нашата професија како професионалци, бидејќи за жал… културен сум и не сакам да се изразам лошо, но дали ви се верува дека во објектот на театарот во Тетово нема ниту тоалети? Може ли да функционира таму еден уметник? Шминка, тушеви, соблекувални, работите кои се потребни, ние ги немаме…“, вели Музафер Етеми.
Актерот Бурхан Амити вели дека кога сѐ било добро во државата, уметниците не би имале потреба да се впуштаат во политика.
„До денеска немаме конкретен објект. Во меѓувреме почна да работи друг објект. Требаше да заврши до 2018 година, но сѐ уште не е завршен. Тоа уште повеќе го буди бунтовничкиот дух кај актерите. Ова е уште една причина која ги принудува да се занимаваат со политика“, посочи Бурхан Амити.
Според Блерим Груби, политиката ги користи уметниците за кампањи, а потоа ги заборава.
„Има два начина како уметниците се вклучуваат во политика. Всушност, добиваш покана од некоја политичка партија, поради тоа што таа партија има потреба од имиња, кои пак со себе повлекуваат фанови и гледаност. Имав прилика и во други земји да запознам уметници кои се вклучени во политика, но нивната дејност се развива поинаку. Кај нас е спротивното: ние го искористуваме уметникот додека да се одржат изборите, а по изборите се заборава“, вели Блерим Груби.
Музафер Етеми рече дека политиката злоупотребила средства и дека го „осакатила“ театарот, но директорот на Албанскиот театар, Адем Карага не мисли така.
„Политиката нема цензура, да нема цензура во уметноста. Во однос на осакатувањето имаш право, и дека нема доволно средства и достојно застапување на квалитетни проекти. Јас не знам колку средства се злоупотребени. Денеска во Министерството за култура има полициски, финансиски, истражни институции, станува збор за две пропаднати години, за кои на крајот ние треба да ја платиме сметката“, рече Адем Карага.
Карага додаде дека иако за директор е избран од политиката, сепак има одврзани раце за дејствување.
