Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, инсистира на предвремени парламентарни избори заедно со локалните следната година. Тој од Кичево рече дека го држат за збор премиерот Мицкоски во она што го кажал на седницата за пратенички прашања.
„Христијан Мицкокси на пратенички прашања отворено излезе и рече се оди на избори. Јас го држам за збор. Во октомври следната година ќе се одржат локални и парламентарни избори“, вели Али Ахмети.
Претседателот на АА, Арбен Таравари не е против, но вели дека треба да има поширок консензус доколку се одлучи да се оди на предвремени избори.
„Изборите ги завршивме пред 5-6 месеци. Отворени сме да разговараме за сите прашања, но треба да имаме поширок консензус доколку се оди на избори. Ако треба да се измерат силите каде е ВРЕДИ, а каде ДУИ, следната година имаме локални избори. Му велам дека има и други работи, ги гледаме на средби со народот, во првите 4-5 редови се истите луѓе, поранешни функционери и бизнисмени кои ја поддржуваат ДУИ. Можеме да седнеме и да разговараме, локалните избори секако ќе се одржат следната година“, вели Арбен Таравари.
И Мицкоски беше прашан за предвремени избори. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена уште утре да оди на избори но оцениле дека тоа не е добро и дека треба да се посветат за исполнување на владината програма.
Инаку и од СДСМ рекоа дека се подготвени за предвремени парламентарни избори.