Наместо завршен проект за енергетско поврзување на Македонија со Албанија, најавен уште во 2013 година, денеска на крај на 2024 година, граѓаните добија нива обрасната со висока вегетација, опрема која стои на депо на трева и градилиште – покажа истражувањето на емисијата „Бизнис 21“?! Неколку премиери и министри се фатиле за „лопатата“. Проектот поминал низ рацете на дури осум директори на државната МЕПСО. Се поставува прашањето-што и кој го кочеше овој проект цела деценија– неефикасноста на институциите – или матни зделки?!
Денеска на крај на 2024 година, работата е пак на почеток.
„Таму има наследен еден лош проект кој е со дубиозни изведувачи и уште подубиозни подизведувачи. Некои од нив се во стечај и се разгледува проектот заедно со ЕБРД дали да се продолжи или комплетно наново да се објави“, вели Александар Николоски.
Инаку, парите околу 50 милиони евра се обезбедени 2015-та година: 37 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој и грант од 12 милиони евра од WBIF Инвестициона рамка за Западен Балкан. Но, изведбата на двата делови од проектот се одложува со години.
Договорите со изведувачите „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина и „Кончар“ од Загреб на по околу 17 милиони евра се потпишани во февруари 2020 година.
Подизведувач на „Енергоинвест“ за далекуводот Битола 2 –Елбасан од крај на 2021 година станува бизнисменот Нефи Усеини, познат за јавноста како тогашен советник во Општина Охрид кој заработи обвиненија за насилство и бесправно градење.
Удрени се два камен-темелници. Првиот во 2021 кај Мешеишта- на Трафостаница Охрид. Главни актери премиер Зоран Заев,министри, директор на МЕПСО Куштрим Рамадани.
Втор во 2022 – далекувод Битола. Главни актери премиер Димитар Ковачевски, директор на МЕПСО Орхан Муртезани и подизведувачот Нефи Усеини.
Од 2021 година пак проблеми. Работата целосно застана. Почнуваат притисоците од компаниите за дополнителни анекси од по неколку милиони евра.
„Не беа задоволни, ама согласно договорот немаше простор и уште тврдам дека нема простор за потпишување анекси“, вели Куштрим Рамадани.
„Бидејќи стануваше збор за меѓународен тендер со меѓународни финансии и договорот беше фиксен, не се предвидуваше покачување, ние не дозволивме зголемување на цената“, рече Орхан Муртезани.
Но, на први април годинава со „Кончар“ е потпишан Анекс на договорот со дополнителни околу 3 милиони евра. Анексот го аминувал последниот директор на МЕПСО пред смената на власта, Зуди Енузи Кока. Работата на трафостаница Охрид, од пролетва тргнува од место.
„Договорот со Кончар е продолжен и е потпишан амандман кон крајот на Декември или почетокот на Јануари, со тоа што е прифатено зголемување на цените за 17% според формули кои се предвидени по FIDIC. Со потпишувањето на амандманот продолжен е рокот за завршување на работите, истотака од нивна страна се продолжени и банкарските гаранции.“, вели Зуди Енузи.
Овој далекувод требаше да го овозможи транзитот на електричната енергија од Бугарија, преку Македонија, Албанија и до Италија, како последна алка од Коридорот 8 со кој требаше да се заокружи целосното електроенергетско поврзување со сите соседни земји.
И сега, после 10 години ветувања само на хартија, со милиони евра потрошени од џебовите на граѓаните ќе треба нова одлука – ќе има ли уште еден анкес на договор сега со Енергоинвест на дополнителни 7 до 8 милиони евра или нов тендер. Но и во двата случаи, не се знае дали проектот ќе заврши ниту до 2027 година. Ќе има ли одговорност?!
