Дебреше протестира за вода! Скршено стакло на Општина Гостивар, властите велат дека се работи

НАЈНОВИ ВЕСТИ



Со празни кофи и со извици „сакаме вода“, жителите на селото Дебреше протестираа пред Општина Гостивар.

„Тешката состојба со снабдувањето со вода ги надмина сите граници на трпение. Недостигот на вода го отежнува секојдневниот живот на секое семејство и го зголеми револтот и загриженоста кај сите жители, а особено сега со доаѓањето на иселениците, оваа состојба уште повеќе ќе се влоши! Ние не бараме ветувања, туку итни решенија!“

„Дебреше е дел од Гостивар! Дебреше сака вода исто како Гостивар! За три недели доаѓаат иселениците! Кога сега нема вода… така ќе си замине иселеништвото и тоа е нешто што некој од погоре треба да го има предвид!“

„Се наоѓаме во подножјето на Шар Планина, каде на секои 5 метри има извор на вода, а ние да страдаме во 21 век за основни работи, за вода, ова е срам, срам, срам…“

Но по овие говори, ситуацијата ескалираше!

Учесниците на протестот се приближија до главниот влез на општинската зграда, каде што стоеја и полицајци.
Едно стакло од влезната врата беше скршено.

Потоа неколку протестанти се обидоа да ја смират револтираната маса.

„Се наоѓаме во 21 век, не треба толку ниско да паднеме…Ние ја пренесовме пораката. Да им дадеме малку време да размислат. А ние повторно ќе дојдеме тука и нема да си заминеме додека не се реализира!“

Ситуацијата се смири и протестантите се повлекоа од дворот на општината.

Од Општина Гостивар, преку писмено соопштение, изразија жалење за потешкотиите во снабдувањето со вода во дел од селото Дебреше, проблем кој, според Општината, трае со децении. Општината информира дека по средбите со жителите и експертите започнале работи за нов водоводен вод и санација на изворот над селото Дебреш, со цел зголемување на капацитетот и подобрување на снабдувањето со вода за пиење.

– Општина Гостивар покажала повеќе од кога било досега волја и посветеност за решавање на овој долгогодишен проблем. Поради тоа, ги повикуваме жителите на разбирање и трпение во текот на периодот на реализација на работите, до конечното решавање на ова прашање. Општина Гостивар останува посветена, во соработка со граѓаните и надлежните институции, да обезбеди долгорочни и одржливи решенија за снабдување со вода на сите жители-велат од Општината.

Она што остана по протестот беа скршените стакла и празните кофи, како показател за недостигот на вода, додека протестантите предупредија дека ова е само почеток, бидејќи повторно ќе се вратат и ќе бидат построги во своето барање.