Дел од Англија од денеска под строги анти-епидемиолошки ограничувања

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Британската Влада соопшти дека огромен дел од Англија од денеска ќе биде под строги анти-епидемиолошки ограничувања со цел да се потисне ширењето на новиот вид коронавирус во земјата.

Во последните две недели во Велика Британија дојде до драстично зголемување на бројот на нови случаи на коронавирус, а премиерот Борис Џонсон поради тоа беше принуден да ги откаже мерките за олеснување што беа планирани за Божиќ. Во тоа време беше откриен новиот вид на коронавирус, за кој се верува дека е позаразен за 70 отсто од претходниот тип.

Владата соопшти дека три четвртини од населението во Англија ќе биде на највисоко ниво на ограничувања, почнувајќи од вечерва на полноќ, што значи 44,1 милиони луѓе, пренесуваат британските медиуми.

Во овие области, угостителските објекти и несуштинските продавници ќе бидат затворени, а членовите на различни домаќинства нема да смеат да се мешаат.

Националната здравствена служба е под голем притисок. За жал, новата варијанта на вирусот сега се шири низ поголем дел од Англија и бројките рапидно се зголемуваат, рече министерот за здравство Мет Ханкок.

Од овие причини, посочи тој, потребно е воведување на четврти степен на ограничувања во пошироката област.