Денес на СВП: „Поетски портрет“ и „Поетско кафе“ со Анеке Брасинга, добитничката на Златниот венец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Поетски портрет“ на добитничката на „Златен венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга, ќе се одржи денес традиционално во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Публиката ќе има можност одблиску да се запознае со творечкиот опус на лауреатката, чие поетско дело зазема значајно место во современата светска книжевност. Љубителите на пишаниот збор ќе имаат можност да присуствуваат и на традиционалното„Поетско кафе“ со добитничката на највисокото фестивалско признание, Брасинга – соопштија од СВП.

Во рамки на денешната програма ќе се одржат и поетските читања „Современа македонска поезија 2“ и Меѓународното поетско читање „Созвучја“, на кои ќе настапат домашни и странски поети, продолжувајќи ја мисијата на фестивалот да биде место на различни поетски стилови и култури.

Јубилејните 65-ти Струшки вечери на поезијата почнаа во средата, со палење на фестивалскиот оган и читање на Т`га за југ од Костантин Миладинов. Завршуваат утре, на 28 јуни, со традиционалното поетско читање „Мостови“ на Мостот на поезијата и врачување на највисоките фестивалски признанија – „Златен венец“ на Анеке Брасинга од Холандија и „Браќа Миладиновци“ на Николина Андова Шопова.