Денес завршува судењето на Додик – можен исход, затворска казна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска во Судот на Босна и Херцеговина завршува судењето на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој е обвинет дека не ги спроведувал одлуките на високиот претставник. Доколку биде прогласен за виновен и осуден, Додик и неговите најблиски соработници најавија дека ќе преземат „радикални мерки“ како одговор на пресудата.

На денешното завршно рочиште ќе бидат изнесени конечните аргументи на обвинителството и одбраната во случајот против Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ. Доколку расправата заврши во текот на денот, судијата Сена Узуновиќ може да ја објави пресудата веднаш или во наредните три работни дена, најдоцна до 25 февруари.

Обвинението против Додик и Лукиќ беше поднесено во август 2023 година од страна на Обвинителството на БиХ, а судскиот процес започна во февруари 2024 година. Тие се обвинети дека овозможиле објавување во Службен весник на два закона донесени од Парламентот на Република Српска во 2023 година, иако високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништил.

Според законите на БиХ, непочитувањето на одлуките на високиот претставник се смета за кривично дело, за кое е предвидена затворска казна до пет години. Доколку Додик биде осуден, тоа би значело автоматско отстранување од функцијата претседател на Република Српска.

Во пресрет на пресудата, Додик во понеделникот вечерта одржа затворена средба во Бања Лука со своите најблиски соработници, каде што беше дискутирано за можните чекори во случај на осудителна пресуда. По состанокот, до медиумите беше испратено соопштение во кое евентуалната пресуда против Додик беше означена како „државен удар“.

„Националното собрание, Владата и сите институции на РС ќе постапат на начин што ќе донесат радикални одлуки како одговор на каква било пресуда на Судот на БиХ. Исто така, сите претставници на српскиот конститутивен народ во РС на ниво на БиХ, како и сите вработени во органите на БиХ, ќе се повлечат од заедничките институции и ќе престанат со работа“, се вели во соопштението.