Денеска плата за вработените во градинките Тренчевска: Градинките доцна го доставија списокот од министерството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На банкарските сметки на вработените во градинките денес ќе биде префрлена априлската плата, уверува министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Запрашана од ТВ21 за поплаките на вработените кои се пожалија дека веќе дојде јуни, а тие сѐ уште не ја добиле платата за месецот во кој штрајкуваа, Тренчевска вината им ја префрла на градинките, кои, како што вели, задоцниле со изготвувањето на пресметките за платите согласно новиот колективен договор.

Во однос на овој проблем, став побаравме од директорката на градинката „Фидани“, Гзиме Бакиу, но таа нѐ упати да се обратиме до други институции.

-За овој проблем можете да ги прашате надлежните институции. Ви благодарам. Извинете ме!, рече Бакиу.

Вработените во детските градинки заедно со наставниците пред неполни два месеци стапија во штрајк барајќи повисоки плати, по што беше постигнат договор со Владата за покачување од 15%. Пред штрајкот, платата на негувателките беше 18 илјади, а на воспитувачките околу 24.000 денари.