Денеска се игра натпреварот со најкратко гостување во странство во историјата на Лигата на шампиони

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шведски Малме и дански Копенхаген денеска од 19 часот ќе го одиграат првиот натпревар од третото квалификациско коло за Лигата на шампиони. Ова е најкраткото гостување во историјата на Лигата на шампиони – стадионите во Шведска и Данска ги делат само 40 километри, односно околу еден час возење со автомобил.

Двата града ги дели море, а ги поврзува впечатливиот мост Оресундброн, патна инфраструктура што од тунел преминува во мост. Оресундброн е долг 16 километри и директно ги поврзува Малме и Копенхаген. По овој мост е именувана и популарната скандинавска криминалистичка серија „Мост“. Осум километри се вози над морето, а потоа се пристигнува на вештачкиот остров Пеберхолм, по што следи четирикилометарски подморски тунел.

Малме во моментов е четврти на табелата во шведската лига. Во квалификациите за Лигата на шампиони тргна од првото коло, каде што го елиминираше грузиски Сабуртало, а потоа и летонскиот РФС. Копенхаген, актуелен шампион на Данска, започна од второто квалификациско коло, каде што лесно ја елиминираше косовската Дрита.

Бенфика и Астана го држат рекордот за најдолгото патување

Најголемата оддалеченост помеѓу два тима во историјата на Лигата на шампиони изнесува 6.164 километри – толку изнесуваше растојанието меѓу португалската Бенфика и казахстанската Астана, кои играа една против друга во групната фаза во 2015 година. Астана е поблиску до Токио отколку до Лисабон, а португалската престолнина е поблиску до Њујорк отколку до Астана.