Денеска во Скопје започнува 9-то издание на MEF Energy Forum 2026, најголемиот енергетски форум во регионот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска и утре Скопје ќе биде домаќин на деветтото издание на MEF Energy Forum 2026, еден од најзначајните настани во областа на енергетиката и одржливиот развој во регионот.

Форумот со години е центар на дијалогот и една од водечките регионални платформи за енергетската и климатската иднина на Југоисточна Европа. Годинашното издание добива дополнителна тежина бидејќи форумот ќе биде официјален партнерски настан во рамки на претседателството на COP31.

Организаторите посочуваат дека заклучоците и препораките што ќе произлезат од форумот нема да имаат значење само за земјите од регионот, туку ќе придонесат и кон пошироките меѓународни дебати за климатските политики и енергетската транзиција.

Во услови на сè поинтензивна климатска и енергетска трансформација, фокусот повеќе не е на тоа дали промените ќе се случат, туку како ќе се реализираат, со каква динамика и колку ќе бидат правични за граѓаните и економиите. Токму затоа форумот претставува важна платформа која обединува носители на одлуки, регулатори, инвеститори, меѓународни организации и претставници на граѓанскиот сектор, велат организаторите.

Пред овој значаен настан, министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа истакна дека денешните предизвици не познаваат граници, затоа и одговорот мора да биде заеднички. „Регионалната соработка е клучна за климатска отпорност, енергетска стабилност и одржлив развој. МЕФ е можност за нови партнерства и конкретни решенија со реален ефект за граѓаните“, потенцираше Хоџа.

Посебен акцент ќе биде ставен на регионалната соработка како предуслов за климатска отпорност, енергетска стабилност и одржлив економски развој. Форумот ќе овозможи поврзување на владини претставници, компании и финансиски институции од Западен Балкан, Турција, Европската Унија и други глобални партнери.

Организаторите посочуваат дека MEF Energy Forum 2026 не е само конференција, туку простор каде што политиките се поврзуваат со реалните предизвици, а климатските амбиции се преточуваат во конкретни иницијативи и решенија.

Настанот се организира во партнерство со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање.