Депонијата Русино сѐ уште гори – Таравари бара решение, но не е надлежен да преземе нешто

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Депонијата Русино во Гостивар и понатаму во пламен. Иако општинските власти ангажирале фирма која треба да го стави под контрола пожарот, сепак и покрај обидите, густиот чад кој се шири продолжува да ги труе жителите на Гостивар.

„Се наоѓаме во депонијата Русино во Гостивар. Можете да се забележите дека депонијата продолжува да гори, поради што илјадници жители на Гостивар секојдневно се трујат од чадот“, истакна репортер на ТВ21

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, вели дека тој ангажирал фирма да ја чува депонијата за да не се пали и една за да го изгасне пожарот, но како што вели, веќе две години на општината ѝ се одземени ингеренциите, па поради тоа нема можност да го реши проблемот.

„Русино е дива депонија која претставува еколошка катастрофа и така функционира скоро 30 години. Веќе две години надлежностите за раководење со неа не се во рацете на локалната самоуправа на Гостивар. И ние имаме големи трошоци, и камионите што ги забележавте ги ангажиравме ние, бидејќи се пали ад-хок. Ова нас многу нѐ чини. Јас се надевав дека Владата ќе го преземе менаџирањето, бидејќи тоа го стори со многу други депонии, па мислев дека ќе ја преземе и депонијата Русино“, посочи Арбен Таравари. 

Таравари вели дека следната недела ќе има отворена дебата на која ќе покани претставници од Министерството за животна средина со цел да изнајдат некое решение. Пред неколку дена, стотици жители на Гостивар излегоа на протест барајќи да се дислоцира депонијата Русино, која гори речиси два месеца. Локалните власти претпоставуваат дека и овојпат се работи за намерно палење.