Дивата депонија во селото Никуштак, која датира уште од 2000 година, се чини дека уште некое време ќе остане таму. За барем малку да ја ублажи непријатната глетка, општина Липково пред две години најави дека ќе изгради заштитен ѕид.
-Овојпат носам маска, но не поради Ковид-19, туку поради чадот и отпадот кој се пали во дивата депонија во селото Никуштак. Од општина Липково пред две години ветија дека ќе изградат ѕид околу депонијата сѐ додека не почне со работа регионалната депонија, но досега работите тапкаат во место-јавува репортерот на ТВ21.
И овојпат од општинските власти го велат истото:
-Го изготвивме главниот проект, во финална фаза сме. Тој дел ќе го оградиме согласно условите и стандардите предвидени за ваков вид депонии, за колку-толку да го покриеме местото и да не изгледа вака како што изгледа сега-вели Еркан Арифи, градоначалник на Липково.
Но, за долгорочно решавање на проблемот, градоначалникот на Липково вели дека е основано заедничко меѓуопштинско претпријатие во близина на Куманово, кое ќе служи како регионална депонија.
-Основано е заедничко меѓуопштинско претпријатие. Проектот е добиен од ЕУ преку Министерството за животна средина за изградба на фабрика во Куманово. Согласно оваа апликација, на о.Липково ѝ припаднаа два големи камиони кои ќе се користат за собирање отпад-вели Арифи.
Во 2013 година, екс-градоначалникот Садула Дураки најави реализирање на истиот проект – изградба на регионална депонија во кумановско, но без некој конкретен резултат. И додека да профункционира најавената депонија, локалните мештани ќе продолжат да вдишуваат чад од горењето на секаков вид на отпад и на смет.
