Десетици медицински сестри и технички персонал, чиј работен статус е нерешен повеќе од една деценија, протестираа пред Клиничката болница во Тетово за да го изразат својот револт. Освен што немаат решенија за работа, медицинските сестри тврдат дека се без плати три месеци.
„Шест години сме со договор. Работиме веќе три месеци, а немаме ни плата. Ни ветија, но ништо од ветувањето“.
„Работам девет години, ќе направам десет, со договор. Четири години сум без договор, без плата, без ништо. Сега немаме ни договор. И другите колеги придонесоа, но и ние бевме во модуларната, но ништо. Ако не ни се реши статусот, ќе продолжиме да протестираме, бидејќи се менуваат министри, се менуваат директори, само ни даваат ветувања, ништо не се решава“.

„Без плата сум, без договор без ништо. Една година имав договор сега ништо. Две години сум на работа, една година без договор, една година без плата“.
По протестот пред итната медицинска помош во Тетово, тие се сретнаа и со директорот на Клиничката болница во Тетово. Иако бараа решение за нивниот статус, добија само ветување дека управата ќе работи на решавање на проблемот. Според директорот Агим Бериша, донесувањето одлуки не зависи од болницата, туку од министерствата за здравство и финансии.
„Нивното право на протест е демократско право, но како група требало да ме известат. Очекувам ова прашање да се реши во текот на следниот месец“, рече Бериша.

Медицинските сестри и техничкиот персонал на болницата најавија дека ќе продолжат да протестираат секој ден сè додека нивниот статус не се реши трајно.
