Десетици Норвежани добиле погрешна порака дека освоиле милиони на Евроџекпот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Десетици Норвежани мислеле дека станале милионери откако добиле известување од државната компанија за лотарија, во кое се тврди дека освоиле огромни суми. Подоцна се покажа дека станува збор за грешка.

Тоње Сагстуен, извршната директорка на „Норск Типинг“, се извини и поднесе оставка. Грешка при конвертирањето на евро центите во норвешки круни предизвикала износите на наградите да бидат „премногу високи“, објасни државната компанија. Износот бил помножен со 100, наместо да се подели со 100, објавија локалните медиуми.

Илјадници Норвежани погодија доволно броеви за да ја освојат паричната награда, но нема да ја добијат сумата што им беше кажано прво. „Норск Типинг“ ги прима наградите од Германија во евра, а потоа ги конвертира во норвешки круни. Точните износи беа ажурирани вчера вечерта. Не се извршени погрешни исплати, соопшти компанијата за лотарија.

„Многу ми е жал што разочаравме толку многу луѓе и разбирам дека се лути на нас“, рече Сагстуен, додавајќи дека „критиката е оправдана“. Таа призна дека добила неколку пораки од луѓе кои веќе планирале да ја потрошат наградата на одмор, реновирање на домот или купување стан.

„Можам само да им кажам: Жал ми е! Но, разбирам дека тоа е мала утеха“, нагласи таа.

Фото: Архива