Шасивари на средба со австрискиот амбасадор Памер: Соработка за реформите во правосудството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари средба со амбасадорот на Република Австрија, Н. Е. Мартин Памер, на која беа разгледани можностите за натамошно унапредување на односите и партнерството меѓу двете земји во областа на правосудството.

„Соработката со Австрија не треба да се гледа само како билатерална правна помош, туку како партнерство за модернизација на правосудниот систем, јакнење на институциите и забрзување на нашата европска интеграција“, се вели во соопштението на Министерството за правда по средбата.

Во наредниот период, како што информираат оттаму, се очекува започнување конкретни активности во повеќе договорени области од заеднички интерес, согласно Меморандумот за соработка што пред три години го потпишаа министерствата за правда на Република Северна Македонија и Република Австрија. Активностите ќе опфатат зајакнување на владеењето на правото, реформи во граѓанското и кривичното право, борба против корупцијата и организираниот криминал, како и дигитализација на правосудството.

Министерот Шасивари истакнал дека австриското искуство и експертиза можат да бидат особено корисни во реформата на судството, унапредувањето на ефикасноста на правдата и меѓународната правна помош, придонесувајќи кон создавање поефикасен, транспарентен и современ правосуден систем.