Децата Албанци во Чашка и годинава нема да го уживаат правото да учат на својот мајчин јазик. Ова се случува откако новото основно училиште „ Дитуриа (Знаење)“ кое беше најавувано од претходната Влада, се уште не почнало да се гради, додека во „Тодор Јанев“ се уште не смеат да учат на албански туку само на македонски јазик. Дури 10 ученици, 3 од прво одделение што беа пријавени годинава и 7 од второ, засега воопшто не посетуваат настава бидејќи немаат каде да присуствуваат. Тие се принудени наставата да ја одржуваат во импровизиран простор, поточно во просториите на џамијата во село Бањица.
Новото основно училиште „Дитуриа“ кое ќе биде модуларно се очекува да биде изградено во рок од два месеци. Впрочем, до сега требаше да биде готово, но се одложи поради изборите. Како што најави градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски, ова училиште ќе има три паралелки и ќе учат деца до петто одделение, вкупно 30 ученици.
Сепак, отпочнувањето со работа на ова училиште се чини ќе трае повеќе од два месеци бидејќи се уште не е формирано како правен субјект, а има само еден наставник. Потребни се најмалку тројца и мора да биде назначен директор на училиштето.
Во меѓувреме, поранешниот министер за образование Јетон Шаќири објави документ од службен весник од 23 август, каде што се гледа дека за модуларното училиште „Дитуриа“, по ребалансот на буџетот, намалени се средствата од 8 милиони денари на само 10 илјади денари. Дали е тоа вистина и, ако е така, зошто се скратени средствата, прашавме во Министерството за образование, но до сега не добивме одговор.
Намалувањето на средствата најверојатно ќе ја оневозможи изградбата на училишната зграда, бидејќи 10.000 денари се премалку за ваков објект.
