-Еднаш дневно кога се враќа автобусот се дезинфицира. Сите автобуси кога ја завршуваат турата се дезинфицираат откако ќе се исперат.-вели вработен во ЈСП.
Откако автобусите на ЈСП ја завршуваат турата треба да поминат неколку процедури. Во гаража автобусите ги чека екипа за чистење и дезинфекција.
Први во автобусот влегуваат тие што го чистат секое седиште со алкохол. Потоа влегува лице кое го дезинфицира подот.
Овие мерки следат по првиот случај на корона вирус во земјава пред три дена. Во текот на овие денови од ЈСП велат дека бројот на патници не опаднал, и се преземаат сите мерки за нивно безбедно патување.
„ЈСП Скопје одлучи да почне да ја спроведува дополнителната (вонредна) дезинфекција како мерка за заштита од корона вирусот со оглед на тоа дека јавниот превоз во Скопје секојдневно во просек го користат 115.000-130.000 граѓани, а стотици граѓани ја посетуваат и ја користат Жичарницата.
Дополнителната (вонредна) дезинфекција ќе се врши секојдневно, се до добиените нови препораки од надлежните институции кои ја следат состојбата со корона вирусот.“, велат од ЈСП.
Откако беше регистриран првиот случај со коронавирус, здравствените власти препорачуваат реводно миење на рацете нивна дезинфекција со алкохол. Се препорачува избегнување на поголеми собири и движење во поголеми групи. Детално миење на овошјето и зеленчукот, а на граничните премини се врши контрола на влезот и излезот на граѓаните, особено на оние кои доаѓаат од земјите каде има корона вирус. Дел од клиниките веќе забранија посети за пациенти, а дел ги редуцираа.
