Џабе имаме закон за човекови права – нема комисија кај која може да се пријави дискриминација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Универзалната декларација има еден убав момент, а тоа е дека сите се раѓаме со достоинство, чест и почит. Секој од нас е роден со достоинство и тоа достоинство треба да се отсликува во сите права, во сите закони, во сите можности“, истакна Мерсиха Смаиловиќ.

На хартија звучи одлично, но во пракса не е баш така. Постои универзална декларација за човекови права, донесена по втората светска војна. Претходно ја потпиша Југославија, а потоа ја наследи и Македонија.

Но, колку кај нас се почитуваат човековите права. Ова беше темата во дебатниот магазин ЕУ Клик на Тв21. Македонија има законски решенија по ова прашање, но нема комисија или ефикасна борба и санкција против дискриминација.

„Истече мандатот на претходната комисија, значи немаме комисионери кои што сега треба да го спроведат законот. Имаме супер законоско решение, имаме супер закон, но вие како граѓанин ако сакате да пријавите дека некаде сте дискриминирани вие немате комисија каде ќе се обратите“, додаде Смаиловиќ.

Еден од поголемите проблеми во Македонија е дискриминацијата по основ на етничка припадност. Голема улога во ова игра образовниот систем, а учебниците се преполни со дискриминаторски текстови.

„Замислете во една училница со деца, доколку се обработува таква лектира, таков текст во една лектира, каде што лице е прикажано  дека за пари знае да излаже пред суд, или да каже работи кои не се вистинити. Каков впечаток или каква траума ќе остави на припадниците на таа заедница. Помалку важни, помалку вредни за разлика од другите, нели е тоа траума за децата“, додава Васка Бајрамовска.

Но не е само дискриминација по основ на етничката припадност, велат панелистите, туку во Македонија постои дискриминација врз основа на пол, има дискриминација на лицата со посебни потреби, и многу други основи, а без ефикасна борба и промена на работите од коренот, тешко е да се очекува дека ќе се придвижиме напред во борбата против дискриминацијата.