По посвежиот период, Македонија кон крајот на септември ја очекува ново затоплување, а температурите во најтоплите делови од земјата повторно би можеле да се доближат до 30 степени. Според актуелните метеоролошки модели, најтопло се очекува да биде на 28 и 29 септември.
Затоплувањето е дел од поширока временска промена која ќе зафати голем дел од Европа. Над континентот ќе се воспостави силен гребен на висок воздушен притисок, кој ќе овозможи продор на топол воздух од северна Африка и Медитеранот кон западна и централна Европа, а потоа и кон северните и југоисточните делови на континентот.
Во Македонија засега не се очекуваат екстремни температури какви што се прогнозираат во делови од западна Европа. За Скопје на 28 и 29 септември се предвидуваат максимални температури околу 28 степени, што е значително топло за самиот крај на месецот.
Особено топло ќе биде на Пиринејскиот Полуостров. Во централните и јужните делови на Шпанија и Португалија температурите во втората половина од неделата би можеле да надминат 35 степени, а локално да се приближат и до 40 степени. Во јужна и централна Франција се очекуваат температури од околу 35 до 36 степени.
Топлиот воздух постепено ќе се шири и кон централна и северна Европа. Во Германија дневните температури повторно би можеле да достигнат од 27 до 29 степени, а локално и околу 30 степени.
Затоплувањето ќе се почувствува и на Балканот. Од сабота, па кон почетокот на следната недела, во северниот и централниот дел на Балканот, како и во Грција, на повеќе места се очекуваат температури од 28 до 30 степени.
Според моделите ГФС и ЕЦМВФ, висок воздушен притисок би можел да остане присутен над значителен дел од Европа и во почетокот на октомври. Тоа би значело продолжување на периодот со температури над просекот, особено во западните, централните и северните делови на континентот.
Сепак, прогнозите за подолг период се подложни на промени. Натамошниот развој на времето ќе зависи од позицијата на атмосферскиот гребен и од движењето на системите над Атлантикот.
За Македонија, според сегашните прогнози, следува период на потопло време, но засега нема најава за екстремен топлотен бран со температури над 35 степени. Најтоплиот период се очекува кон самиот крај на септември, кога температурите во потоплите делови од земјата повторно би можеле да се доближат до 30 степени.
