Џафери: Добар или лош ќе го поддржам законот, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ против предлогот на Алијанса/Алтернатива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог законот за државјанство поднесен од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, ДУИ ќе го поддржи. Ова го изјави Талат Џафери во вчерашниот магазин на ТВ 21 Клик плус, во кој истакна дека предлог законот има елементи за кои треба да се дискутира , иако не кажа прецизно на што точно мисли.

„Добар или лош ќе го поддржам, ако општата идеја е дека е во интерес на граѓаните, и поради тоа – да. Верувам дека и парламентарната група ќе го поддржи.“, рече Џафери.

15 пратеници, еве го земам правото да зборувам на нивно име, ниту еден од нив нема да каже дека е против само поради тоа што предлог законот е предложен од опозициската коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Од СДСМ со став дека станува збор за проблем кој се провлекува во државава со години, но дека имаат голем број забелешки за предложениот текст кој сметаат дека е неприфатлив. Најавуваат дека ќе поднесат амандмани.

„Ние, како текст таков каков што е предложен како пратеници од СДСМ и од мнозинството сме против. Значи не го поддржуваме тој текст. Ние сакаме со амандмани да влијаеме на текстот, но исто така да обезбедиме и широк консензус со сите пратенички групи. Треба да се обезбеди поширок консензус, треба да се испочитуваат меѓународните стандарди за решавање на вакви проблеми.“, рече координаторот Јован Митрески.

И од ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат со предложениот текст на законот. Антонио Милошоски вели дека можноста државјанство да се стекнува со изјава на тројца сведоци е спротивно на меѓународните стандарди и преку амандманите ќе го блокираат неговото донесување.

„Ќе поднесеме поголем број на амандмани, но по однос на самата содржина нема европска држава која што на ваков паушален начин предвидува мерки кои што се субјективни за да се стекне државјанство. Бидејќи изјавата на еден или двајца според мене не треба да е релевантна или да е апсолутна вистина“, изјави Милошоски.

Предлог законот на Алијанса/Алтернатива предвидува македонско државјанство да можат да добијат лица само со дадена изјава од тројца сведоци кои ќе изјават дека подносителот за добивање државјанство живеел во земјава пред 1991 година.