Џафери: Нема можност за свикување на Собранието, тоа ќе се случи по наредните избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Талат Џафери во дебатниот магазин „Click Plus“ истакна дека според него нема можност за одново свикување на Собранието.

„Собранието може да се врати само на следните избори, и тоа може да го стори народот“, порача Џафери.

Според Џафери кој било друг начин освен по избори за заседавање на Собранието е обид за пуч.

„Пуч е и ништо друго! Мандатот во Собранието се добива од гласовите на народот. А не политичките партии кои ќе се соберат и да кажат можеме да го направиме ова или тоа. Народот го дава мандатот, Парламентот е на народот и е орган за застапување на граѓаните. Граѓаните даваат мандат од четири години кој може да биде продолжен само доколку во периодот на изборите во последните 90 дена се прогласи вонредна состојба или војна. Мандатот не може да биде скратен освен со судска постапка или оставка од страна на пратениците. Секој пратеник слободно гласаше на 16 февруари за да го врати мандатот на граѓаните. Со тоа заврши правото за застапување, одлучување, законодавство и контрола. Пратениците веќе немаат такво право. Пратениците се административно пратеници до верификување на новите мандати“, истакна Џафери.

Тој се осврна и на тоа дека со Устав се одредени правилата за парламентарни избори и тие треба да се почитуваат.

„Нека одлучат кога ќе бидат. Постапките се одредени со Закон и Устав и нема што да мислам јас. Тоа што ми беше должност го направив. Кога се донесе одлуката за прогласување на избори, немав оценување, најава или мислење дека ќе има вонредна состојба. Затоа според Уставот во вонредна состојба доколку тоа се случи кога Парламентот не може да функционира, надлежностите се на Претседателот на државата. Така е според Уставот. Претседателот на државата тоа го спроведува и во првиот момент кога ќе се создадат услови за свикување на Парламентот, во нашиот случај треба да има избори за да се свика Парламентот. Политички треба, како што се договорија пред шест месеци лидерите во октомври“, посочи Џафери.