Џафери: Собранието ќе има отворени врати за Универзитетот во Тетово да произведува вредности и резултати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Претседателот на Собранието Талат Џафери присуствуваше на 27-годишнината од основањето на Универзитетот во Тетово и во име на пратениците на свечената академија по тој повод изрази поддршка за оваа високообразовна установа.

Тој во своето обраќање рече дека Тетово, кој како универзитетски град со толку голем студентски потенцијал не смее да се измести од фокусот на професорите, на политичарите и локалната самоуправа.

– Сите ние што на кој било аспект имаме влијание врз образовната и професионалната подготовка на овие млади фиданки, треба да го направиме максимумот во нашето поле на делување, за да овозможиме оваа младешка енергија, да се канализира, да се ориентира и да се искористи на најдобриот можен начин, за доброто на студентите, на локалната средина меѓутоа и централната. Да придонесеме за да сакаат да останат тука, во татковината, тука да ја гледаат надежта и перспективата за исполнување на професионалните аспирации меѓутоа над се, на семејните, и јас сум убеден дека нивниот успех ќе биде најголемата награда за сите нас, рече Џафери.

Посочи дека Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да биде местото кое што постојано ќе има отворени врати за секој конструктивен придонес и ќе ги прави сите напори за донесување на најдобрите законски решенија во областа на образованието.

-За нашите студенти и за домашните универзитети, за да фатат ист чекор со светските универзитети, водејќи сметка финансиската и кадровската независност на универзитетите да биде главниот патоказ за зачувување на универзитетската автономија. На овој начин, немам сомнеж дека Државниот универзитет во Тетово, неговиот академски кадар, ќе продолжи да произведува вредности и резултати кои ќе го позиционираат овој храм на знаењето на високиот пиедестал на академскиот свет, истака првиот човек на Собранието на свечената академија.