Џафери за законските рокови за изборите – доколку се одржат пред 5 мај, ќе се сметаат за предвремени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема пречка да се свика лидерска средба доколку има волја од самите лидери на политичките партии. Ова е одговорот на спикерот Талат Џафери на барањето на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба на која би се разговарало за датумот за заеднички претседателски и парламентарни избори следната година.

Што се однесува до законските рокови за избори, Џафери најавува дека најраниот рок за парламентарни избори е 5 мај, додека за претседателските избори 14 март. За да има редовни заеднички избори, тие мора да се одржат од 5 до 8 мај.

„Редовни избори во последните 90 дена од следниот мандат. Односно од 4 август, можеме да се одиме наназад  максимум 90 дена. 90 дена наназад е можниот ден на првото гласање на парламентарните избори што одговара на 5 мај. Овие два процеса се споени од 5 до 8 мај, за да можеме да имаме редовни парламентарни и редовни претседателски средби во роковите предвидени со устав и закон“, вели Талат Џафери.

Доколку парламентарните избори се распишат пред 5 мај, тогаш тие се сметаат за предвремени.

„Доколку се размислува за предвремени парламентарни избори. Секој ден на гласање за идниот парламент  пред 5 мај влегуваме во предизборен период и за тоа  има други рокови процедури“, посочи Талат Џафери.

Дури и премиерот на државата Димитар Ковачевски апелира да се почитуваат законските рокови. Како што вели, не можат двајца да седнат и да договорат нешто надвор од она што го предвидува Уставот.

Доколку опозицијата сака предвремени избори, премиерот нуди ВМРО-ДПМНЕ да дозволи отворање на Уставот, да и се приклучат на Владата земајќи 50% од институциите а потоа заедно да го затворат скринингот, да се затворат неколку поглавја и потоа да се оди на заеднички парламентарни и претседателски избори.