Џамбаски го навреди премиерот Ковачевски – Османи: Ова е премногу, ќе испратиме протесна нота

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По изјавата на Димитар Ковачевски дека не знае кој е бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, тој преку видео обраќање му возврати на премиерот со навреди и прикажувајќи ја во позадина картата на голема Бугарија.

-Знаеме какво е неговото потекло. Како што се сеќавам, тој носеше кафе кога одевме на средби тогаш со премиерот Борисов и Заев во Скопје. Носеше папки, кафиња, такви нешта, бирократска работа, како машка секретарка, рече бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

Џамбаски отиде чекор подалеку и го оспори македонскиот јазик.

-Ковачевски тврди дека имало македонски јазик. Македонскиот јазик е литературна форма на бугарскиот јазик. Секој еден лингвист или филолог насекаде по светот, од тука до Занзибар ќе ви го каже тоа. И тоа ќе го каже тоа со докази и факти, вели Џамбаски.

Ваквите изјави, според МНР се територијални претензии и говор на омраза, а како што велат од ресорот, Македонија денеска ќе испрати протесна нота до Бугарија.

На средбата со Османи денеска беше и неговата колешка од Словенија, Тања Фајон. На прашањето – дали тие како земја-членка на ЕУ би реагирале на вакво нешто, Фајон со одговор дека секоја неприфатлива, провокативна и навредлива изјава бара реакција.

Шефот на дипломатијата Османи, вели дека во однос на ова прашање очекува реакција и од самата Бугарија.