Кренатата рака на нацистички поздрав од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ги шокира и предизвика бес и револт на европратениците. Џамбаски по неговото обраќање на дебатата за владеењето на правото во Полска и Унгарија во Европскиот парламент напуштајќи ја салата се сврте и ја крена и испружената десна рака што се гледа и на снименото видео. Овој инцидент го коментараше и го осуди претседателот на Европските политички партии Манфред Вебер.
Употребата на „поздравот на Хитлер“ е спротивна од она за што се залага Европскиот парламент. Групата на ЕПП го осудува со најтешки можни зборови.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола најаво дека ќе започне постапка за санкции против бугарскиот европратеник Џамбаски.
„Фашистички поздрав во Европскиот парламент е неприфатлив за мене, секогаш и секаде. Тоа ме навредува мене и секој еден во Европа. Застануваме против тоа. Ние сме Куќа на демократијата. Таков гест е од најтемното поглавје на нашата историја и тоа мора да биде оставено таму“, рече Мецола.
Набргу по ова пратеникот Џамбаски реагираше и ги отфрли сите обвинувања кон него. Тој им испратил порака преку електронска пошта до неговите колеги европратеници со назнака „мало недоразбирање“ притоа обвинувајќи ги за клевета и навреда. Тој тврди дека неговиот знак со рака било само мафтање за поздрав.
„Бев на хемициклот додека го завршував својот говор, во кој мора да се признае кажав нешто со кое многумина од вас не се согласуваат, провоцирајќи ве. Додека го напуштав хемициклот, сакав да се извинам со понизно мафтање кон претседавачот“, вели Џамбаски.
Џамбаски говореше на дебатата за владеењето на правото во Европската унија по конечната одлука на Судот на правдата на Европската унија во Луксембург кој ги отфрли обидите на Унгарија и Полска да го блокираат поврзувањето на пристапот до фондовите на унијата со почитување на демократијата и владеењето на Правото.
Коментирајќи ја ваквата одлука на твитер ја нарече одвратна, бидејќи, како што напиша, не постои здрав човек кој мисли дека Унгарија и Полска немаат функционално владеење на правото. На крајот од твитер реакцијата напиша Да живеат националните држави во Европа. Џамбаски е инаку европратеник на Бугарија од редовите на ВМРО-БНД партијата на Красимир Каракачанов.
