Ди Велт: ЕУ да не го лаже Западен Балкан – Борел бара од Бугарија да го смени однесувањето кон Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем број реакции и коментари по Самитот за Западен Балкан што се одржа во средата во Брдо кај Крањ особено поради фактот што тој не донесе некаква перспектива за иднината на регионов во Европската унија. Угледниот германски весник Ди Велт во написот се чини пореално и директно ја изразува сликата за состојбите со проширувањето со земјите од Западен Балкан. Сериозна грешка е да се вети дека ќе ве приклучиме, огромни очекувања кои не можат да се исполнат и должност е на Европската унија да ја кажат вистината за да не се предизвикува разочараност пишува весникот.

„Европската унија мора да престане да се лаже себе си за Западен Балкан и наместо вештачки да ја одржува илузијата за пристапување мора недвосмислено да му каже на регионот дека нема да има полноправно членство. Едно е сигурно – Европејците темелно го нарушија проширувањето кон Западен Балкан. Но за тоа не е одговорен само Брисел, туку и земјите кандидати“, посочи Ди Велт.

Натаму се наведува дека регионот треба да се фокусира кон создавање заеднички пазар.

„Земјите од Западен Балкан мора да развијат овтохтона волја за реформи и помирување, наместо да се фиксираат на идното членство во Европската унија“, додава Ди Велт.

Со предупредување дека Западен Балкан би можел да потпадне под други влијанија, излезе и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи Жозеп Борел. Пораката што шефот на европската дипломатија ја испрати од форумот во Мадрид со барање Бугарија да го смени однесувањето.

„Мислам дека Бугарија треба да покаже поголема флексибилност во врска со овој проблем кој е пречка да се отворат преговорите не само со Северна Македонија туку и со Албанија. Тие две држави си ја завршија домашната работа и се подготвени за преговарачкиот процес. Бугарија парализирајќи им го процесот на двете земји доведе до една состојба на негодување и разочараност поради недостаток од перспектива. Сето ова може да ги натера земјите од регионот да почнат да размислуваат и за алтернативи“, посочи Жозеп Борел.

Во средата на Самитот за Западен Балкан во Брдо кај Крањ 27-те лидери на Европската унија не постигнаа консензус околу барањето на Словенија земјите од регионов да бидат примени во Унијата до крајот на 2030 година. На овој Самит беше потврдено уверувањето дека местото на земјите од Западен Балкан е во Европската унија.