Процедурата за вклучување на нови лекови во позитивната листа е дигитализирана. Овој модул овозможува дигитално поднесување на барањата и прикачување на неопходната документација за лекот во системот, кои досега се доставуваа во физичка форма, на хартија.
„ Со што за првпат започнува дигитализацијата на постапката за вклучување на нов лек во позитивната листа. Модулот е развиен од Дирекцијата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација и ќе биде достапен за јавноста на официјалната веб-страница на Министерството за здравство“, вели Азир АЛиу.
Весна Настеска, фармацевт во Министерството за здравство, ги наброја придобивките од новиот модул.
„Модулот носи конкретни придобивки, бидејќи апликациите се евидентираат, потоа се следат и се менаџираат во истиот систем. Понатаму, во системот постои поврзаност на институциите кои учествуваат во постапката, како и на експертите кои го сочинуваат комисијата за позитивната листа. А најважното во транспарентноста на процесот е јавниот портал, каде што може да се следат сите податоци и информации за постапката за внесување на нов лек во позитивната листа“, вели Весна Настеска.
Новиот систем ќе биде функционален веднаш штом ќе стапат во сила измените во правилникот што ја регулира оваа постапка, кои се очекува да бидат објавени во Службен весник во наредните денови.