Скрининг во Трубарево – пулмолози на терен, се вршат прегледи на жителите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарот на депонијата со електронски отпад на периферијата на Скопје не помина без последици за жителите тој регион. Имаше голем број поплаки, особено од жителите на Трубарево, кои велат дека почувствувале потешкотии при дишењето, главоболки и печење во грлото. Поради тоа, овие два дена ќе се спроведува скрининг од страна на екипи од пулмолози. Пред двете амбулантни возила чекаат ред и возрасни и деца. Некои од нив велат дека неодамна имале здравствени тегоби.

„Се контролирам дали имам проблеми со белите дробови!

– Какви проблеми имате?

„ Пијам таблети за белите дробови затоа што тука долго време имаше многу чад, и сега сакам да се прегледам

– Дали претходно бевте на лекар? Дали земавте терапија?

„Да, ги следев сите препораки“.

„Имам главоболка, проблеми со дишењето. Денеска не информираа дека ќе ни земат крв и ќе ни снимат бели дробови, но ништо од тоа, не знам! Таму жариштето сè уште гори… Сега најавија пулмолози кои ќе прават скрининг, но ќе видиме“.

„Имаше пожар, ни пречеше, едвај дишевме. Дали да одевме да помогнеме во гаснењето или да се заштитиме себеси? Ме пече грлото“.

Прегледите се наменети за сите заинтересирани граѓани од Трубарево и околните населени места, особено за оние што имаат проблеми со дишењето или симптоми кои укажуваат на болести на респираторниот систем, објасни пулмологот Ирина Ангеловска.

„Вршиме клинички прегледи на сатурација и аускултација, како и ЕКГ. Врз основа на наодите, ги упатуваме пациентите на дополнителни прегледи по потреба. По завршување на скринингот, резултатите ќе ги добиете преку Министерството за здравство. Пикфлометрија се прави за ваков тип на скрининзи – пациентите дуваат во апарати наречени пикфлометар, и се прави ЕКГ по потреба, кај пациенти што ние како субспецијалисти – пулмолози ги проценуваме“, порача Ирина Ангеловска.

Од Министерството за здравство велат дека се обидуваат навремено да ги откријат можните симптоми, со цел да се понуди потребната здравствена заштита. Им упатуваат апел на сите жители од подрачјето да учествуваат во бесплатниот скрининг, бидејќи може навремено да се открие евентуална штета по здравјето од вдишување на отровни токсини преку загадениот воздух.

„Нашата работа е да ги информираме граѓаните во реално време што се случува со квалитетот на воздухот, водата или храната, и како да се заштитат од тие проблеми. Во таа насока го спроведуваме и скринингот денес во дел од градот, во Трубарево, поради пожарот – со цел навремено да детектираме дали постои некаква здравствена последица кај нашите граѓани“, вели Азир АЛиу.

Инаку, три дена по пожарот кој избувна на 13 септември, анализите на Институтот за јавно здравје не утврдиле присуство на радиоактивност во воздухот и почвата, ниту на тешки метали во водата. ИЈЗ информираше дека имало само зголемување на два параметра – бакар и цинк, и тоа само на едно испитувано место – површинскиот слој каде што се гореле литиумски батерии. Мерењата на 13 и 14 септември покажале дека концентрацијата на кадмиум била 59,1 нанограми на кубен метар – речиси 12 пати повеќе од дозволените 5. Исто така, имало зголемени количества на арсен во воздухот (8,9 од дозволени 6) и олово (0,75 од дозволени 0,5), додека само нивото на никел останало во дозволените граници.