Законот за попис е јасен, како оние кои живеат во Северна Македонија така и државјаните кои се во дијаспората ќе го сочинуваат вкупниот број на попишано население, вели директорот на ДЗС, Апостол Симовски по барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека дијаспората треба само да се евидентира.
На прашањето за терминологијата дијаспората само да се евидентира, Симовски вели дека тоа е политичко прашање покренато од политичка партија, и дека не сака да го коментира истото.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е тој кој што бара дијаспората само да се евидентира и да не влегува во вкупниот процент на попишано население, инаку, нема да ги прифати резултатите.
Утредента на оваа изјава на Мицкоски во Клик Плус,премиерот Зоран Заев одговори дека како оние кои живеат тука, така и тие во дијаспората ќе го сочинуваат вкупниот број на попишано население.
Ова прашање минатата недела предизвика жешка дебата во Клик Плус каде гостуваше собранискиот спикер Талат Џафери.
Талат Џафери: „Не може да се интервенира во дефиниции, луѓе, дали знаете вие албански?! Јас не знам, но албански зборувам. Драг новинару…“
ТВ21: Не, не, јас зборувам со зборовите на тој човек, точно што кажал г. Мицкоски.
Талат Џафери: „Јас зборувам на јазикот на законот, а не што кажал Мицкоски, не што ќе кажам јас, не ме интересира, мене ме интересира кој ќе биде материјалниот дел на предлогот“.
Пред два дена Собранието го усвои Законот за попис на резидентното население. Истиот се очекува да се реализира од 5 до 30 септември. Самопопишувањето на дијаспората продолжува да тече преку онлајн апликацијата која ќе биде отворена до 30 септември.
