Државната изборна комисија за 22 дена не може да организира легитимни избори, изјави вчера во Клик Плус, Дитмире Шеху, потпретседателка на ДИК. Шеху рече дека на ДИК и треба време уште еднаш да ги заврши изборните процеси кои останале на половина кога се откажаа изборите.
„Нашата одлука е едногласна, сите се согласивме и сите имавме исто мислење дека изборните листи треба да се повторат и уште еднаш да се ажурира и истото мислење беше доставено до Претседателот на државата и истото мислење го кажавме и на состанокот дека за 22 дена ДИК не може да ги реализира сите останати изборни процеси за да имаме легитимен процес“, посочи Дитмире Шеху.
Кастриот Реџепи, од Движење Беса рече дека е важно во што е можно пократок рок да имаме избори и нормална Влада. Тој додаде дека вчера политичките партии не постигнале консензус за датум за избори поради тоа што некои партии прават калкулации со пандемијата и ситуацијата, со цел да го одложат датумот на избори.
„Ние како Движење Беса имаме наш став дека треба да се формираат институции со политички мандат поради тоа што сега имаме техничка влада која е избрана за да организирана предвремени избори и нема целосен мандат за да донесе одлуки од економската и здравствената област, туку сите тие беа со уредби“, истакна Кастриот Реџепи.
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека оправдувањата на партиите за не одржување на избори или одложување на истите, не држат вода бидејќи требало да реагираат во моментот кога со законска уредба е предвидено дека изборниот рок истекува со крајот на вонредната состојба.
„Ако нашите политичари не сакаат да влеземе во некакви уставни компликации, тогаш ќе треба да најдат начин како да се одржат тие избори. Добро е нашите политичари да покажат повисока свесност пред меѓународните партнери, посебно пред европските, за да им покажеме дека кај нас има политичка култура, има капацитет за компромис и може да се постигне консензус за датум на избори“, вели Алберт Муслиу.
Лидерите на политичките партии два пати по ред организираа состанок кај првиот човек на државата, Стево Пендаровски, за да се договорат за датум на избори, но и двете состаноци завршија без договор.
