ДИК на чекор пред комплетирање – Зулфи Адили се повлече, се очекува избор на Абдуш Демири

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се отвора можноста Собранието да ја комплетира Државната изборна комисија. Партијата на Аријанит Хоџа го повлече својот кандидат Зулфи Адили и со тоа останува можноста наскоро да се свика Комисијата за избори и именувања која треба да го утврди сега веќе единствениот кандидат од редовите на албанската опозиција Абдуш Демири. Од Европската Демократска Партија не сакаа да го коментираат овој потег, па го прашавме Адили која е причината за неговото повлекување.

„Не сум ја повлекол кандидатурата, но Владата ме именуваше за директор на Агенцијата за странски инвестиции“, вели Зулфи Адили.

Сега единствен кандидат за член на Државната изборна комисија останува Абдуш Демири зад чија кандидатура застана Движењето Беса. Фадиљ Зендели пратеник од оваа партија која жестоко се бореше за кандидатурата на Демири вели дека сега нема никаква пречка за тој да биде избран за член на ДИК. Очекува претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиева во најскоро време да ја свика седницата.

„После повлекувањето на господинот Адили веќе не гледам од страна на мнозинството било каква пречка за да се блокира и понатаму овој процес. Значи останува само нашиот кандидат кој и така согласно Изборниот закон требаше да биде од опозицијата. Очекувам дека постапката во Комисијата за избори и именувања веројатно наредните денови ќе се свика и после ќе се проследи до Собранието каде што треба да биде избран последниот член од Државната изборна комисија, седмиот, и да биде комплетирана оваа Комисија, ние веќе влегуваме во изборен процес“, порача Фадил Зендели.

И координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Мицевски вели дека е добро што веќе не постои пречка за пополнување на празното столче во Државната изборна комисија, особено поради фактот што сме пред прагот на изборите.

„Еден од кандидатите вчера ги повлекол документите така што отворени се можностите на Комисија да донесеме одлука и да испратиме до пленарна седница материјал врз основа на кој што едниот кандидат Абдуш Демири ќе биде кандидат за пополнување на местото во Државната изборна комисија. Изборот се прави со двотретинско мнозинство и очекувам дека ќе успееме и во рокот да ја  дополниме Државната изборна комисија, како би можела со полн капацитет да работи на подготовка на регуларни претседателски и парламентарни избори“, вели Никола Мицевски. 

Местото во Државната изборна комисија се испразни точно пред една година откако Кренар Лога беше избран за министер за правда по влегувањето на Алијанса за Албанците во власта. За изборот на член на ДИК потребно е да гласаат најмалку 80 пратеници, односно двотретинско мнозинство кое засега се уште е неизвесно.