На денешната 151. седница, Државната изборна комисија разгледа два приговора поврзани со остварување на правото на глас. По разгледувањето, беше утврдено дека двајцата подносители се запишани во Избирачкиот список и можат да гласаат до затворањето на избирачките места во 19:00 часот. Истовремено, Комисијата донесе одлука за одземање на акредитации на осум домашни набљудувачи, поради постапување спротивно на Изборниот законик и Кодексот за набљудување.
Првиот приговор е поднесен од жител од општина Центар. По извршената проверка, стручно-техничките служби утврдија дека граѓанинот е запишан во Избирачкиот список на избирачкото место 1354, поради што приговорот беше одбиен. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека подносителот „слободно може да го оствари своето право на глас“.
Вториот приговор пристигна електронски од Кичево. Граѓанинот навел дека не бил пронајден во уредот за биометриска идентификација. По проверка на ИТ-секторот и службите, ДИК утврди дека граѓанинот е уредно запишан и во Избирачкиот список и во биометрискиот систем. Членот на Комисијата Александар Даштевски предложи ДИК да не се произнесува по електронски доставениот поднесок, оставајќи на Јавното обвинителство да ја испита можноста за евентуална злоупотреба на лични податоци. Кондарко информираше дека Обвинителството веќе е известено, нагласувајќи дека ДИК останува надлежна за прашањата што се однесуваат на остварувањето на правото на глас.
Во досегашниот тек на изборниот процес, не се забележани случаи на оневозможено гласање на избирачките места.
Дополнително, Комисијата им ги одзеде акредитациите на осум домашни набљудувачи во Општина Шуто Оризари, по пријава дека агитирале во училишен објект во близина на гласачките места, со што го прекршиле Кодексот за набљудување.
ДИК го извести Министерството за внатрешни работи, бидејќи дел од пријавената агитација се случувала надвор од избирачките места, што е надвор од надлежноста на Комисијата. По донесената одлука, општинската изборна комисија и избирачките одбори се задолжени да не им дозволуваат пристап на овие лица во избирачките места и објектите за гласање, ниту пак да ги признаваат претходно издадените беџови.
Гласањето продолжува непречено и согласно утврдениот распоред, со редовни контроли на терен и координација со надлежните институции до официјалното затворање на гласачките места во 19:00 часот, стои во соопштението на ДИК.
